Органски системи

Функционална поврзаност на анатомските структури

Човечкото тело е организиран систем на поврзани клеточни структури кои функционираат на генетски предодреден автоматизиран начин што обезбедува одржување на оптимални услови за непречено одвивање на животниот циклус. Некои од тие структури се споени во вид на органи, што претставува форма на организирани ткива со заеднички функционалности. Органите се состојат од паренхим, специфично основно функционално ткиво што главно има заедничко ембрионално потекло и строма, неспецифично ткиво што има сврзна и потпорна улога. Функционално поврзаните органи се здружени во органски системи.

Функционално поврзаните органи се здружени како органски системи и му овозможуваат на човечкото тело непречено функционирање. Наброени по азбучен ред тие се:

  • Дигестивен, каде што спаѓаат: устата, плунковните жлезди, голтникот, хранопроводот, желудникот, панкреасот, црниот дроб, тенкото и дебелото црево. Преку него се внесува и се подготвува за преработка, односно се трансформира храната по механички и биохемиски пат до ниво на хранливи материи и корисни состојки што се пренесуваат во крвта со што се  обезбедуваат енергија и градбени компоненти на организмот, а непотребниот остаток се исфрла преку изметот.
  • Ендокрин, во чија структура се наоѓаат жлездите со внатрешно лачење: (хипоталамусот, епифизата, хипофизата, тироидата, паратироидата, надбубрежните жлезди),  органите што лачат хормони (желудникот, дванаесетпалечното црево, црниот дроб, панкреасот, тестисите, јајчниците, постелката во текот на бременоста, матката, кожата, срцето, коскената срцевина) и масното ткиво. Органите и ткивата во состав на системот создаваат хормони што се лачат директно во крвта и служат за регулирање на функцијата и процесите на човекот.
  • Имун (одбранбен), во чиј состав влегуваат супстанци, ткива и органи, како што се белите крвни клетки, крајниците, вклучително и третиот, тимусот, лимфните јазли и патишта, слеската и биолошките процеси поврзани со нив. Сите тие  заштитуваат од болести.
  • Интегументарен (покровен), во кој спаѓа кожата како најголем органски систем со нејзините творби: потта, лојот, косата и ноктите, како и масното ткиво што е распоредено низ целото тело. Овој систем обезбедува заштита на телото од дејство на физички, хемиски и биолошки фактори од околината, помага во терморегулацијата и исфрлањето на непотребните материи, како и во синтезата на витаминот Д.
  • Локомоторен, што се состои од:
    • скелет, вклучувајќи ги лигаментите, тетивите, ‘рскавиците и
    • скелетните мускули.
      Тој ги обезбедува формата, стабилноста, заштитата, поддршката и подвижноста на телото. Освен ова, скелетот учествува во создавањето на крвните клетки, складирањето на минералите и во ендокрината регулација.
  • Нервен, составен од централен (черепен и ‘рбетен мозок, а по некои класификации тука е вклучена и мрежницата на окото) и периферен дел (нерви и ганглии надвор од централниот нервен систем). Составен дел на овој систем се и сетилните органи и нервните патишта поврзани со нив. Нервниот систем ја контролира функцијата на телото преку прием на сигнали од него и информации од околината, ги обработува, по што спроведува адекватна реакција.
  • Репродуктивен, изграден од внатрешните и од надворешните генитални органи. Неговата функција е да го одржува човечкиот род преку биолошка репродукција.
  • Респираторен, во чиј состав се дишните патишта во и надвор од белите дробови (носот, гркланот, дишникот, бронхијалниот состав), белодробното ткиво со алвеолите и дијафрагмата. Преку него се внесува воздухот, се разменуваат гасови од телото со надворешната околина и се исфрла водата.
  • Уринарен, што се состои од бубрези, мочен меур и мочни патишта, кој пред сè ја продуцира, чува и ја елиминира урината.
  • Циркулаторен, составен од два одвоени система:
    • Кардиоваскуларен или срцевосадовен како затворен тип на систем кој во себе ги вклучува:
      • срцето,
      • артериите,
      • вените и
      • крвта.
    • Лимфатичен, систем од отворен тип изграден од:
      • лимфа,
      • лимфни садови и
      • лимфоидни ткива.

Основна функција на циркулаторниот систем е да обезбедува непречен проток на крвта, да ја обезбедува меѓуклеточната и меѓуткивната телесна течност до и од клетките и ткивата. На тој начин се транспортираат неопходните материи за живот а се отстрануваат непотребните, се регулираат телесната температура и киселоста во организмот, се потпомага одбранбениот систем и се одржува хомеостазата.

Покрај овие, во човечкото тело има и други системи што се поврзани со вршење одредени неопходни функции, како на пример вестибуларниот систем, со чија помош човекот ја одржува рамнотежата и се ориентира во просторот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *