Клетка

Клетка

За да се разбере суштината на функционирањето на човекот, неопходно е да се опише основата на сето тоа - клетката или како што некои ја нарекуваат „база на животот“. Клетката претставува основна градбена, функционална и биолошка единица на секој жив организам, било да е едноклеточен или повеќе-клеточен.

Најголемиот дел клетки се мали по димензија и видливи само со микроскоп. Појавата на првата клетка во форма на едноклеточен организам е во суштина и почеток на организираниот живот на Земјата што почнал пред повеќе од 4 милијарди години. Се претпоставува дека тоа биле некои примитивни бактерии со многу едноставна градба што можеле да ги вршат најосновните функции карактеристични за живите суштества. Во таа структурна организација не постоело дефинирано јадро односно генетска формација која што е јасно ограничена од цитоплазмата. Со текот на еволуцијата, структурата и функцијата на клетките се усовршувалае до ниво на денес познатите биоморфолошки карактеристики на едноклеточните и на повеќеклеточните организми.

Се смета дека вкупниот број клетки во човечкото тело е околу 100 трилиони групирани во над 200 разни типови со различна градба и функција. Но, сите тие имаат единствени и заеднички структурни компоненти без кои е невозможно функционирањето. Гледано со електронски микроскоп од површината кон централниот дел, кај еукариотските клетки се евидентираат следниве структури:

Мембрана

Мембрана – изградена од протеини и два слоја фосфолипид, со овие функции:

  • Механичка:
    - зачувување на формата;
- поддршка и задржување на внатрешната содржина на клетката;
- селективна бариера за пасивен влез на потребните супстанци, како на пример вода, и исфрлање на непотребните материи преку канали.

  • Транспортна – ги пренесува материите што не смеат пасивно да навлегуваат во клетката, како белковини, органски киселини и јони. Притоа се користи енергија за активното пренесување што функционира како пумпа, а служи за одржување на електричниот потенцијал на клетката.
  • Комуникациска – преку посебни протеински рецептори се пренесуваат сигнали од надворешноста во внатрешноста на клетката при што се овозможува нејзина адекватна реакција.
  • Препознавање – појдовна точка на одбранбениот процес каде што преку препознавање на маркерите имуниот систем добива информација дали одредена клетка е составен дел на организмот, односно „домаќин“ или е пак туѓа клетка, т.е. „туѓинец“.

Цитоплазмата

Цитоплазмата е желатинска супстанца во клетката сместена меѓу мембраната и јадрото. Составена е од околу 80% вода, електролити, протеини, липиди и малку јаглехидрати. Во неа се сместени следниве клеточни структури:

  • Цитосол – е основната течна структура во внатрешноста на клетката. Неговата функција е комплексна и се состои во:

- пренос на сигналите од мембраната до јадрото и органелите;
- поддршка на процесот на делба на клетката;
- извршување на метаболичките процеси и
- транспорт на метаболитите од местото на создавањето до местото на употребата или исфрлање од клетката.

  • Цитоскелет – мрежеста структура, изграден од цевчести структури и протеински влакна, кој ги има следниве задачи:

- дава форма и стабилност на клетката и ја одржува правилната местоположба на органелите;
- помага при движењето на клетката;
- го овозможува движењето на молекулите во и надвор од клетката;
- учествува во делбата на клетката.

Органели

Органели – претставуваат специјализирани структури за вршење една или повеќе витални функции:

- вакуоли – во нив се чуваат хранливи, други биоактивни супстанци или непотребни материи за клетката;

- Голџиев апарат – е местото каде што се преработуваат и се складираат макромолекули, како протеини и липиди;

- ендоплазматски ретикулум – кој претставува мрежа за пренесување на молекулите наменети за посебни модификации и цели, а ги има два вида: груб, со присутни рибозоми што лачат протеини во цитоплазмата и мазен, без рибозоми, кој има улога во собирањето и ослободувањето на калциумот;

- митохондрии – кои обезбедуваат дишење на ниво на клетката, а истовремено се генератори на енергија за што употребуваат гликоза и кислород во нејзиното создавање и можат сами да се реплицираат;

- јадро – најголема органела на клетката, ограничена од околината со двојна мембрана, а комуницира со неа преку многубројни отвори - пори. Во него се наоѓа целиот генетски материјал на клетката во форма на ДНК, организиран како хромозоми. Во јадрото се наоѓа помала структура, јадренце, чија основна задача е да создава рибозоми што излегуваат од јадрото и се сместуваат во ендоплазматскиот ретикулум. Основната функција на јадрото е да ги контролира гените во процесот на репликацијата на ДНК за време на делбата на клетката и при синтезата на РНК;

- лизозоми – содржат дигестивни ензими и имаат улога да ги дигестираат прекубројните или истрошени органели, вируси и бактерии;

пероксизоми – се места каде што се разградуваат долгите синџири на масните киселини. Освен тоа, тие синтетизираат супстанци неопходни за правилното функционирање на мозокот, белите дробови и имуниот систем, а содржат и ензими неопходни во метаболизмот на енергијата.

рибозоми – претставуваат голем комплекс на РНК и протеини каде што од аминокиселини се создаваат белковините.

- центрозом – е одговорен за создавањето на цитоскелетот.

Некои клетки имаат и способност на движење неопходно при процесите на зараснување рани и во генералниот имун одговор, а други имаат и вонмембрански структури:

  • камшичиња - единечни и долги творби кај спермиумите со чија помош се движат и
  • ресички - повеќе на број и кратки елементи, како на слузницата кај дишните патишта и на тенкото црево.

Вака структурно и функционално организирана, клетката, опкружена со вонклеточната течност како внатрешна околина на телото, расте и се развива во согласност со метаболичките процеси што се одвиваат во неа. Во одредена фаза на животот таа се реплицира, односно се создава клетка „ќерка“ преку делба на клетката „родител“.

За да се формираат телесните структури и органи, посебна карактеристика на растот и делбата на клетката е нивната различност во однос на морфолошките и функционалните својства за време на множењето во ембрионот. Тоа е резултат на потиснување на одредени двигатели на гените, како и на влијанието во одредени ткива и делови од телото коешто се пренесува врз околните структури од едни на други.

Синтезата на нови протеини од аминокиселините е уште една основна функција на клетката без која е незамислив животот. Тоа е генетски детерминиран процес специфичен за секој човек. Така создадените протеини се есенција на моделирањето и одржувањето на клеточните активности, односно на животот. Се смета дека вкупниот генетски потенцијал е предодреден за синтеза на околу 30.000 протеини, но всушност се синтетизира приближно ⅓ од тој потенцијал за непречено одвивање на сите животни функции.

Вкупниот број клетки во телото се регулира преку контрола на процесот на нивната делба и стапката на умирање. Кога одредена клетка не е веќе потребна, таа подлежи на т.н. програмирано самоубиство односно апоптоза. Механизмот на овој процес е комплексен и започнува со активација на посебни ензими што се складирани во клетката како биохемиски неактивни супстанци. Притоа се нарушува внатрешната градба на клетката - таа се згуснува, се намалува и ја губи структурата на мембраната. Со тоа им се овозможува на специјализираните клетки од околината да се прилепат на клетката во умирање и да ја уништат со „проголтување“. На тој начин не доаѓа до разлевање на клеточната содржина во околината со што виталните клетки се заштитени и продолжуваат да функционираат непречено.

Во секој момент од ембрионалниот и феталниот развој на човекот се случуваат огромен број апоптози со цел ремоделирање на ткивата. Овој процес е континуиран дури и кај возрасните, како на пример во коскената срцевина и во цревата. Се разбира дека ова програмирано умирање на клетките кај возрасните е балансирано со создавањето на нови клетки зашто во спротивно може да се појават несразмерни намалувања или зголемувања на ткивата и да се наруши правилната градба и функција на телото.

И покрај огромната ефикасност, клетката сама по себе не е самостојна единица. Постојаните оперативни функции зависат од оптималната употреба на хранливи материи. Тие се потребни не само да се добие веднаш употреблива енергија туку и таа да се складира. За непречено функционирање на клетката потребни се и соодветни количества витамини, минерали и вода односно регулаторни хранливи материи. Сите овие активности се распоредени помеѓу различните клеточни структури каде што се одвиваат клучните метаболички реакции неопходни за создавање и одржување на животот.

Кошничка
Facebook Twitter Instagram YouTube
Start typing to see products you are looking for.