Советувалиште

Здрав животен стил – најдобро е здравите животни навики да се практикуваат од најраната возраст, но никогаш не е доцна да се почне со тоа!

Здрав животен стил е начин на живеење што го намалува ризикот од сериозни болести или рана смрт. Не сите болести може да се спречат, но огромен процент на смртни исходи може да се избегнат, особено од кардиоваскуларни болести и некои малигни заболувања. Научните истражувања идентификувале дека одреден начин на однесување придонесува за појава и развој на незаразни заболувања и рана смрт предизвикана од нив.

Кога се зборува за здравје, тоа не подразбира само избегнување на болест туку се работи за физичка, ментална и социјална благосостојба. Практикувањето на здравиот животен стил, истовремено покажува и начин на однесување што служи како позитивен пример за членовите од фамилијата и блиската околина, особено за децата.

Само со примена на мали интервенции во однесувањето: прекин на пушење и прекумерно консумирање алкохол, примена на балансиран начин на исхрана, внесување на повеќе физичка активност  во секојдневниот живот и избегнување на прекумерниот стрес што води кон квалитетно ноќно спиење, може да го подобрат и да го продолжат квалитетниот живот и за десетина години.

Здравиот животен стил подразбира постојана умереност односно рамнотежа во сегментите од секојдневниот живот. На прв поглед можеби изгледа тешко што сé треба да се направи за промена на животниот стил. Но, добрата вест е дека се не мора да се прави од еднаш. На пример, може да се започне со дополнителна чаша вода во текот на денот, вклучување на една овошка како ужинка, качување до втори кат по степеници и слично.

Овој портал има за цел да им помогне на посетителите да го прилагодат начинот на однесување со што ќе го подобрат сопственото здравје за еден поздрав, подолг и поквалитетен живот.

Напишете коментар