Стрес е нормална физиолошка и психолошка реакција на секојдневните потреби во текот на животот. Ниско ниво на стрес може да биде добро, да мотивира и да придонесе за успешно справување со разни ситуации во текот на животот. Но, за жал секојдневието е исполнето со едноставни и сложени предизвици, почнувајќи од барање слободно паркинг место или стоење во сообраќаен метеж, па се до решавање на егзистенцијални проблеми. Сите овие ситуации може да водат до ниво што ги надминува индивидуалните можности за справување со нив.
Генетски мозокот е конципиран така што овозможува прием на сигнали и соодветна реакција која пред се има заштитна цел. Во ситуација кога постои некаква закана, во телото се активира аларм при што се ослободуваат хормони кои пред се го покачуваат крвниот притисок, ја забрзуваат работата на срцето и се ослободуваат енергетски материи. Ваквата рекација е подготовка на телото да се фати во костец со заканата или да ја заобиколи, во англиската литература познато како “fight-or-flight”.
Штом веќе не постои закана, мозокот дава инструкции телото да се врати во нормална односно опуштена состојба. Но, постојаните напнати и комплицирани ситуации што се присутни во современото живеење мозокот многу често ги прима како закана и телото се наоѓа во една постојана алармирана состојба.
Справувањето со стресот овозможува приод и механизми за повторно враќање на телото во балансирана состојба, пред се по пат на прилагодување односно еластичен приод кон проблемите. Во спротивно, телото ќе биде под постојана висока тревога што се тек на време може да доведе до сериозни здравствени нарушувања.
Затоа не треба да се чека стресот да го наруши здравјето, добрите односи со околината и квалитетот на животот. Треба да се посвети должно внимание на ова и да се почне со примена на методите за справување со прекумерниот стрес.