Панкреасот или заджелудочната жлезда е жлезден орган со неправилна призматична форма, со должина до 15 см и тежина до 100 g кој припаѓа на два органски система, дигестивен и ендокрин, поради двојната структура – за внатрешно и за надворешно лачење. Сместен е косо во горниот централен дел на стомакот наназад и поставен водорамно. Панкреасот има неправилна форма и на него се разликуваат неколку делови: глава која е лоцирана во кривината на дванаесетпалечното црево, врат, тело и опашка што се сместени зад желудникот и слеската.
Обоен со специјални бои, гледано под микроскоп, на панкреасот се разликуваат два вида ткива. Посветло обоените делови се наречени Лангерхансови островчиња и го претставуваат ендокриниот дел односно структурата за внатрешно лачење. Таму се создаваат инсулинот, глукагонот и три други хормони. Инсулинот што го лачат бета клетките од Лангерхансовите островчиња го регулира нивото на шеќерот во крвта со тоа што помага гликозата од крвта да навлезе во клетките од телото. Спротивно на инсулинот глукагонот кој се лачи од алфа клетките на Лангерхансовите островчиња го покачува нивото на шеќерот во крвта преку поддршка на ослободување гликоза од црниот дроб. Потемно обоените делови со изглед на бобинки го репрезентираат делот за надворешно лачење на панкреасот, од кој соковите богати со ензими се излеваат во дуоденумот преку систем на канали и учествуваат во преработката на белковините, јаглехидратите и мастите од храната.
Во некои случаи може да се појави дефект на инсулинската секреција, нарушена биолошка активност на инсулинот или комбинација на обете состојби при што се појавува дијабетес. Тоа е група на метаболички нарушувања што се карактеризира со постојано покачено ниво на шеќерот во крвта и претставува доживотна состојба.
Исхраната при дијабетес има решавачка улога за негова контрола затоа што таа директно влијае на нивото на шеќерот во крвта односно гликемијата и на општото здравје. Количински и квалитативно балансирана исхрана помага во одржувањето на најповолна контрола на гликемијата, го намалува ризикот од компликации и ја подржува општата благосостојба на лицата со дијабетес. Основни принципи на исхрана при дијабетес се:
- Управување со внесот на јаглехидрати бидејќи тоа влијае директно врз гликемијата. Треба да се избегнуваат чистите шеќери, а да се внесуваат јаглехидрати од полни зрна, легуминози и зеленчук.
- Соодветен внес на растителни влакна преку зеленчук, храна од полни зрна и овошје ја успорува обработката на храната во дигестивниот систем, ги подобрува гликемијата и здравјето на срцето.
- Употреба на здрави масти во исхраната т.е. масти од незаситени масни киселини што ги има во маслиновото растителните масла, авокадото и во јатките.
- Белковините во исхраната треба да бидат од обезмастено црвено месо, живина, риба, млечни производи со ниска масленост, јајца и грав.
- Оброците треба да бидат во редовни временски интервали што помага во одржување на уредна гликемија, а се избегнуваат или намалуваат покачените гликемии по оброк.
Со фокусирање кон ваквата стратегија за исхрана лицата со дијабетес може да имаат поздрав, поквалитетен и побалансиран живот.