Препознавањето на телесната тежина како мерило за здравствениот статус на луѓето е веројатно општо прифатен параметар и највероватно постои oд најраниот период на организираните човечки заедници.
Се до пред нешто повеќе од стотина години поголемата телесна тежина и заобленото тело поради масните наслаги во него се сметале за олицетворение на здравјето и показател на повисокиот општествен статус. Развојот на медицината и утврдувањето на причинителите на заболувањата довело до потврдување на фактот дека прекумерната тежина т.е. вишокот масни наслаги е фактор на ризик за појава на многу болести што се последица на нарушувањата на метаболизмот и оштетување на градбата и функцијата на циркулаторниот, нервниот, имуниот, ендокриниот и локомоторниот систем.
Постигнувањето и одржувањето на здравата телесна тежина е цел кон која се стремат многу луѓе зошто е тесно поврзана со доброто здравје и општата добросостојба. Тоа не е исклучиво поврзано со задоволување на изгледот и формата на телото. Здравата телесна тежина не само што спречува појава на одредени болести и нарушувања туку ги подобрува и енергетскиот баланс на телото, расположението и квалитетот на животот. Постоењето на мноштво не стандардизирани диети кои ветуваат научно непроверени драматични пресврти со медиумска поддршка на неточни или извртени информации претставува голем предизвик за избор на ефикасна и одржлива диета.
Единствен правилен пристап кон стратегијата за постигнување и долгорочно одржување на здрава телесна тежина е преку практикување на балансирана исхрана, внесување на редовна физичка активност и вежбање во секојдневието и справување со прекумерниот стрес што секако ќе придонесат за позитивни промени во животниот стил. Тоа вклучува:
- Балансирана исхрана како најважен елемент за постигнување и одржување на здрава телесна тежина што подразбира внес на неопходни хранливи материи и енергија според потребите.
- Редовно внесување на вода и течности во текот на денот прилагодено кон атмосферските услови и физичката активност за време на работата и во слободното време. Тоа помага за добра обработка на храната, ефикасна апсорпција на хранливите материи и регулирање на телесната температура.
- Контрола на големината на порциите односно количеството на внесената храна што помага за калориски внес во рамки на енергетските потреби.
- Редовна физичка активност што има голема важност за дополнително согорување на внесените калории и за одржување на масата и функцијата на мускуло-скелетниот систем. Пожелно е физичката активност да вклучува комбинација од вежби за издржливост, снага, еластичност и рамнотежа.
- Разумен приод кон исхраната што значи целосно внимание при консумирање на храната и уживање во неа без одвлекување на вниманието од тоа. За таа цел треба: да се јаде полека, храната добро да се џвака, да се почувствуваат сите нејзини вкусови и да се препознаваат чувствата на глад и ситост. На тој начин се спречува прекумерно и некорисно внесување на храна и се намалува ризикот од зголемување на телесната тежина.
- Справување со хроничен прекумерен стрес со примена на техники за медитација, вежби за длабоко дишење и практикување хоби.
- Промена на животниот стил што опфаќа: квалитетно спиење без прекини во траење од 7-9 часови во едно деноноќие, избегнување на седентарен начин на однесување, избегнување на драстични промени во начинот на живот, доследност преку спроведување на планови и рутини за здрава исхрана и физичка активност и следење на напредокот на промените со фокусирање на општото здравје и добросостојбата, а не на бројките.
Заклучокот е дека за постигнување и одржување на здравата телесна тежина е неопходен сеопфатен приод што вклучува балансирана исхрана, физичка активност, психичка добросостојба и позитивни промени во животниот стил. Поставените цели треба да бидат остварливи за што е потребно време и трпение.
Патот до постигнување здрава телесна тежина е различен за секого. Ние можеме да ви помогнеме на тоа патување со креирање на планови, правилно насочување за нивно остварување и поддршка во постигнувањето на целта за остварување на подобро здравје и добросостојбата и нивно долгорочно одржување.