Нутримедико, Правилна исхрана

Исхрана за време на новогодишните и божиќните празници

Здрава празнична новогодишна трпеза

Како да направиме рамнотежа меѓу попустливоста кон задоволствата од претстојните празници и здравјето?

Периодот што следува, новогодишните и божиќните празници и домашните слави, исполнети со радост и заедништво, вообичаено е проследен со богата трпеза и препуштање на уживање во храна и пијалаци – од печени и пржени меса до слатки обилно залеани со алкохолни и зашеќерени пијалаци. Време на празнувања што претставува голем предизвик за отстапување од вообичаените навики во исхраната дури и за најголемите поборници на здравиот начин на живот. Одржувањето рамнотежа помеѓу празничната трпеза и правилниот начин на исхрана е основа за запазување на доброто општо здравје и за избегнување здравствени проблеми во периодот по празниците поради прекумерното „уживање“ во храна и пијалаци.

Со овој напис ќе ви помогнеме да го одберете правилниот начин на исхрана во овој период од годината, а да не ги жртвувате радоста од добрата храна и дружењето.

Зошто е важна балансираната исхрана за време на празниците?

Балансираната исхрана во количество и квалитет е основа за правилна функција на телото и одржување на добрата здравствена состојба. Сезоната на зимски празници претставува здравствен предизвик поради зачестените дружења во поголеми групи и присуството на високопреносливи респираторни инфекции што бара посебно внимание и претпазливост во исхраната.

Богатство на хранливи материи

Храната што се готви за време на празниците, на традиционален или современ начин, содржи богатство хранливи материи и претставува одличен извор на јаглехидрати, масти, белковини, витамини и минерали. За жал, таа многу често се подготвува или комбинира со големо количество масти и бел шеќер што им дава висока енергетска густина на оброците. Ако вака подготвените јадења се консумираат во поголемо количество доаѓа до неурамнотежен внес на хранливи материи, што најчесто резултира со покачена телесна тежина. Но ако се внесува количество соодветно на енергетските потреби, во комбинација со зеленчук и овошје, сигурно е дека ова може да биде дел од балансираната исхрана.

Придржување кон здравиот начин на исхрана за време на празниците не мора да значи избегнување одредени прехранбени продукти и јадења. Ако во тој период се примени стратегијата на разумен приод кон исхраната, тогаш оброците ќе може енергетски и квалитативно полесно да се балансираат.

Што значи разумен приод кон исхраната

Претходно планирање

Вообичаено, празничните оброци се доцна попладне или рано навечер, а поретко на пладне. Периодот пред односно по оброкот да се користи за консумирање лесни јадења, овошје во разумно количество или салати кои не треба да бидат оптоварени со масти (сосови, мајонез, бели или жолти полномасни сирења).

Контрола на големината на порциите

Половина од чинијата нека биде свеж зеленчук.

Менување на подготовката на продуктите и на рецептите

Отстранете го вишокот маснотии од месото, печење или варење наместо пржење, помала употреба на бел шеќер, користење продукти со ниска масленост (млеко, павлака, мајонез и слично).

Ограничување на пијалоците

Ограничена употреба на зашеќерени алкохолни и безалкохолни пијалаци и нивна замена со газирана вода.

Добро хидрирање

Кога се пие повеќе алкохол, од особена важност за здравјето е да се пие што повеќе вода.

Замена на слатките со овошје

Ограничено да се земаат слатки и торти, или да се заменат со овошје, јаткести плодови и да се користат житарки со полно зрно.

Други аспекти на здравиот животен стил за време на празниците

Физичка активност

Втората компонента на здравиот животен стил е систематска примена на физичката активност. Периодот на празници не смее да биде изговор за прекинување или одложување на физичката активност. При поволни метеоролошки услови активностите во природа ќе согорат дел од внесените калории. Освен тоа, спомените од така пријатно поминати празнични денови, особено ако е во друштво на членови од фамилијата или пријатели, секогаш будат пријатни емоции.

Справување со стресот

Третата компонента на здравиот начин на живеење е справување со прекумерниот стрес. Празничната трпеза е одраз на културното наследство, традицијата и емотивната поврзаност. Мнозина сметаат дека празничните оброци се симбол на љубов, прослава, пријатна дружба и поддршка. Сигурно е дека овој аспект на исхраната за време на празниците го намалува прекумерниот стрес и придонесува за разумен избор на оброците без чувство на наметнато ограничување.

Исхраната за време на празниците значи внимателна грижа за избор и баланс на оброците во текот на денот. Таквата посветеност ќе ви овозможи уживање во празничните вкусови без да влијае негативно врз здравјето. Празнувањата ни носат среќни моменти и убави сеќавања зашто во нив се вградени заедништвото и радоста, а не само посветеност кон храната.

Нека ви среќни, весели и здрави празничните денови!

Напишете коментар