Правилна исхрана

Диети, диети насекаде! Што да одберам?

Денес има толку многу планови за исхрана, што е речиси невозможно да ги следите сите. Секоја книга за диети што ќе стане популарен хит неизбежно доведува до колебање поради што издавачите се обидуваат да го искористат моментот додека не се појави следната „голема“ идеја што ќе ја насочи публиката да размислува за уште еден нов пристап. Секоја диета е различна, но сепак е придружена од многу сведоштва и наводни научни докази за тоа зошто е најдобар избор за слабеење или подобрување на здравјето или, пак, и за двете. Колку се поекстремни тврдењата за некоја диета, односно поголеми ветувањата за нејзината чудотворност, толку треба да сте посомничави за нејзина евентуална примена.

Дополнителна конфузија создаваат и медиумските извештаи за истражувачки студии кои тврдат дека „го променија сето она што мислевме дека го знаеме за исхраната“. Изјави како овие имаат лансирано безброј книги за диети. Но кога ќе наидете на такви драматични тврдења, имајте на ум дека науката за исхраната не се менува толку лесно и брзо. Големите промени на докажаните принципи за здрава исхрана што се прифатени од стручното мнозинство не се случуваат преку ноќ. Наместо тоа, новите докази се додаваат на постојното знаење и едногласно прифатените начела за оптимална исхрана што се базирани на мноштво студии постепено се развиваат и унапредуваат.

Можеби се прашувате, ако толку многу „експерти“ за исхрана не се согласуваат за тоа како треба да се јаде, кој има право и кој е во заблуда? Вистината е дека нема еден и единствен исправен начин на исхрана. Всушност, постојат многу начини на исхрана што се здрави, но не секој план за исхрана е еден од тие начини. Ние ќе ви помогнеме да примените план за исхрана кој е вистински за вас. Ќе научите што е тоа здрава диета и ќе увидите зошто со некои од повеќето диети не се постигнува долгорочен успех. Заедно со тоа, ќе дознаете зошто квалитетот на храната што ја јадете е поважен од изборот на „правилниот“ сооднос на јаглехидрати, протеини и масти.

Нашиот приод обезбедува конкретни информации базирани на истражувањата што се направени за правилната диета, како таа се вклопува со општите истражувања за исхраната, дали обезбедува добра рамнотежа на хранливи материи и дали е достапна и лесна за следење.

Она што функционира за една личност, не мора да функционира за друга. Вистинската диета за вас треба да обезбеди балансирана исхрана, да ви се допаѓа на вкус и да е во хармонија со вашата способност за готвење и начинот на живот. Правилната исхрана треба да ви го направи животот поздрав но не и покомплициран. За одредени промени во исхраната се неопходни време, напор, размислување и планирање,  како што бара впрочем и секоја нова здрава навика. Функционалниот план за исхрана приспособен на вашите потреби постепено ќе прерасне во дел од секојдневието, а некои од вашите здрави однесувања ќе станат природни.

Ние можеме да ви помогнеме во примената на правилниот начин на исхрана приспособен на енергетските потреби во согласност со професионалните обврски и приватниот живот.

Напишете коментар