Со напливот на многу информации во медиумите поврзани со исхраната, особено на интернет, најверојатно се чувствувате збунето. И да знаете дека не сте единствени. Бомбастичните наслови ве тераат да мислите дека ставовите поврзани со правилната исхрана се менуваат многу често и се оспоруваат со голема жестина. Книгите за диети нудат разни теории една по друга, со изобилство од реклами и разни „трикови“, почнувајќи од сурова храна па се до чиста храна до ниво на стерилност.

Сите овие збунувачки информации може да направат тешко да се разликува научната позадина од помодарството и рекламирањето. Во реалност, се повеќе се создава едногласност во стручните кругови за тоа како треба да изгледа здрвиот начин на исхрана што се базира на повеќедецениските истражувања на ова поле. Во тек на овие истражувања честопати се добиваат спротивни резултати коишто се интерпретираат и презентираат од страна на медиумите како комплетно менување на стручните ставови. Сепак, правото толкување на стручните резултати треба да биде во смисол дека се тоа делови од сложувалка кои помагаат да се добие правата слика за правилниот и здрав начин на исхрана.

   И какви се описот и толкувањето на оваа сложувалка од страна на истражувачите и стручните лица? Докажано е дека здравиот начин на исхрана не е воопшто комлициран и се состои од умерено обработени овошје, зеленчук и полни зрна комбинирани со здрави извори на белковини и масти. Се нагласува дека треба да се консумираат што е можно поразлични растителни продукти, зеленчук, овошје и житарки, за да се внесе широкиот спектар на неопходните хранливи состојки во телото. Умереното количество белковини треба да потекнува од легуминози, јатки, риба и месо од живина без кожата, а млечните производи треба да содржат малку масти во себе. Свежото црвено месо треба да е обезмастено и да се консумира до половина килограм неделно, а преработките од него како сланина и колбаси воопшто не би требало да се во менито. Мастите треба да се употребуваат умерено и во нив да доминираат  растителните масти.

Процентуалната дневна застапеност на главните хранливи материи треба да биде во следниов опсег:

  • јаглехидрати 40-60%,
  • масти 25-35% и
  • белковини 15-25%.
Освен квалитативнот состав на храната еднакво важна компонента на здравиот начин на исхрана е и количеството внесена храна во текот на денот која зависи од дневните енергетски потреби што се директно поврзани со полот, возраста, професијата и активностите во слободното време.

И на крај, најновите истражувања покажале дека околностите и начинот на кој се консумира храната имаат важна улога во здравиот начин на исхрана: ресторанска или домашна храна, брзо и стресно или опуштено и внимателно јадење.