Нутримедико

Зголемување за 20% за 5 години: дури 7.2% од македонското население е со дијабетес тип 2

Дијабетес - медицинска сестра мери шеќер на пациент, машко со зголемена тежина.

Дијабетес или шеќерна болест е хронично не заразно заболување што се појавува кога панкреасот не создава доволно инсулин или кога телото не може ефективно да го користи инсулинот што го создава. При тоа нивото на шеќерот во крвта е покачено особено кога е контрола на дијабетесот лоша што по одредено време неминовно води до оштетување на нервите и крвните садови, а со тоа и на органските системи во телото.

Според постоечката класификација постојат повеќе типови на дијабетес но два се главни:

  • Тип 1, доживотна состојба која настанува поради тоа што имуниот систем на телото го напаѓа и го уништува панкреасот, а се јавува најчесто во детската и адолесцентната возраст. Кај нас околу 5% од лицата со дијабетес спаѓаат во оваа категорија.
  • Тип 2, се јавува во подоцнежната возраст поради тоа што панкреасот не создава доволно инсулин или пак клетките во телото не го искористуваат соодветно присутниот инсулин. Овој тип на дијабетес е скоро по правило поврзан со нездравиот начин на живот.

Во Македонија според податоците од Националниот електронски систем за здравствени податоци во 2019 година вкупниот број на лица со дијабетес бил околу 125.000 односно 7,2% од вкупното население. Во однос на претходните 5 години тоа претставува зголемување за 20%. Смртноста како последица од дијабетес е зголемена, најверојатно за околу 10%.

Причините за зголемениот број на ново дијагностицирани лица со дијабетес тип 2 се интензивната урбанизација, стареењето на населението и нездравиот начин на живот (консумирање на храна богата со масти и чисти шеќери, намалена физичка активност и продолжено присуство на стрес).

Терапијата и згрижувањето на дијабетесот во овој милениум постигнува значителен напредок што овозможува подобрување на квалитетот на живот и спречување или одложување на компликациите особено хроничните (кардиоваскуларни болести, слепило, оштетување и откажување на бубрежната функција и ампутација на долните екстремитети). Глобално современото управување и лекување на дијабетесот опфаќа: континуирана контрола на гликемијата (CGM), системи на „вештачки панкреас“ (комбинација на CGM и инсулинска пумпа), нови типови на инсулини, нови лекови и нивна комбинација, генетска терапија, трансплантација, еднаква достапност на здравствена грижа и дигитализација во здравството.

Она што најмногу загрижува е постојаното зголемување на бројот на лица со дијабетес тип 2 меѓу децата и адолесцентите поради дебелина, неквалитетна исхрана, седентерен начин на живот и отсуство на квалитетно спиење. Единствен правилен пристап за контрола на оваа епидемија е фокус на превентивните мерки, раното откривање и примената на примарната интервенција преку модификација на животниот стил што вклучува практикување на здрав начин на исхрана, редовна физичка активност и справување со прекумерниот стрес.

Тимот на НутриМедико е подготвен во секое време да ви помогне во промената на навиките и остварувањето на целите за практикување на здрав животен стил зошто има знаење и долгогодишно искуство во тоа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *