Во текот на растот и развојот, човекот употребува разновидна храна според физичката состојба, составот, квалитетот и количеството, па затоа е неопходно  таа темелно да се обработи и да се подготови за понатамошно искористување на хранливите материи. Процесот на внесување, обработка, пренесување во крвта и исфрлање на остатоците од храната се одвива во дигестивниот систем. При внесување на храната, дигестијата почнува уште во устата со џвакањето. Во контакт со плунката се иницира првичната хемиска обработка на храната, главно на јаглехидратите и приспособување на соодветна цврстина и густина за полесно голтање. По голтањето, низ хранопроводот храната оди во желудникот по пат на перисталтика каде што продолжува хемиско-физичката обработка на храната. Во него, по околу 2 часа со помош на стомачните сокови и перисталтиката храната се претвора во химус и како таква се истиснува во тенкото црево. Таму се меша со дигестивните ензими од панкреасот при што доаѓа до целосно разградување на храната до форма која може да се пренесе од тенкото црево во крвната, односно во лимфната циркулација. 95% од хранливите материи во химусот се апсорбираат во тенкото црево. Водата, минералите и некои витамини се апсорбираат во дебелото црево, а непотребниот остаток со дефекација се отстранува од телото. Во процесот на дигестија и синтеза на витамините помагаат и многубројните бактерии што се наоѓаат во луменот на цревата, особено во дебелото црево.
Целиот овој повеќефункционален процес на движење на храната, лачење сокови за дигестија, апсорпција на водата и на хранливите материи се врши истовремено под контрола и синхронизација на:· сопствениот нервен систем што се протега од хранопроводот па сè до аналниот отвор и кој преку поврзаноста со автономниот нервен систем ги поддржува трите типа контролни рефлекси и
· хормоните што се лачат во желудникот и во тенките црева.



Уста

Почетниот дел на дигестивниот систем е претставен со усната шуплина која алтернативно е и почетен дел на респираторниот систем. На базата таа е ограничена со јазикот, лево и десно со образите, горе со тврдото и мекото непце, а напред со усните. Наназад е отворена и води во голтникот. Во неа се сместени забите, јазикот и отворите од каналите на плунковните жлезди. Тука доаѓа до првичната физичко-хемиска обработка на храната. Кај новороденчињата постои вроден рефлекс за употреба на устата за цицање кој со текот на времето исчезнува со употреба на поцврста храна и промена на начинот на хранење.

Заби


Забите претставуваат калцифицирани бели структури кои се состојат од три дела: корен, коронка и врат. Коронката и вратот се видливи додека коренот е сместен во специјални шуплини на горната и на долната вилица и е покриен со непце. Кај човекот постојат два вида заби во зависност од возраста. Бебињата и малите деца имаат привремени или таканаречени млечни заби. Тие се појавуваат со различна динамика: никнуваат вкупно 20, почетно од 6-от месец по раѓањето и сè до третата година од животот. Од 5 до 6-годишна возраст почнува замената на млечните со трајни заби. Возрасниот човек има 32 заба, сместени по 16 на горната и на долната вилица, симетрично по осум од левата и од десната страна. Формата и големината на забите зависи од нивната функција.
Kај возрасниот човек забите се изградени од четири главни ткивни елементи, гледано однадвор кон внатрешноста:
  • - Глеѓ – најминерализираната супстанца во телото: 96% од составот е во основа кристал на калциум и фосфор, а остатокот е вода. Бојата му е сјајна, бело-сина до жолтеникава и обезбедува цврстина и сјај на забите.
  • - Дентин – има 70% минерали во себе, претставува потпора на коронката и има улога на заштитен слој.
  • - Цемент – супстанца што го покрива коренот на забот и служи за поврзување на коренот со вилиците преку лигаментите сместени околу забот.
  • - Пулпа – е централниот дел од забот, вообичаено наречен нерв на забот, исполнет со сврзно ткиво каде што се сместени крвните садови и нервите. Основна улога му е да го формира дентинот, а исто така и да го храни и заштитува забот.
При внесување храна во устата, забите имаат функција да откинуваат делови од неа и механички да ги обработат, односно да ги иситнат на што е можно помали делчиња. Ова е важен процес за дигестија на секоја храна што обезбедува:
• кршење на целулозните обвивки што ги опкружуваат хранливите делови на овошјето и зеленчукот пред да може понатаму да се обработат;
• зголемување на површината на внесената храна со што се овозможува поефикасно дејство на дигестивните ензими кои се функционални само на површината од делчињата храна, односно стапката на дигестија е целосно зависна од површината изложена на дигестивните екскрети;
• нежна густина на содржината што спречува оштетувања на слузницата и го олеснува нејзиното движење особено низ горниот дел од дигестивниот систем.

    • Јазик
      Функцијата на јазикот во составот на дигестивниот систем е да  помага во успешното ситнење на храната во усната шуплина за време на џвакањето. Покрај ова, јазикот има единствена улога во одредување на квалитетот на храната преку дефинирање на нејзиниот вкус. Од горната страна, по целата слузница, од врвот па сè до коренот се распоредени посебни рецептори за секој од основните вкусови на слатко, солено, горчливо, кисело и луто, односно на зачини.



      Плунковни жлезди




      Надвор од усната шуплина во регионот околу долната вилица и под јазикот и внатре во неа, во лигавицата од устата и на јазикот се сместени плунковните жлезди. Тоа се жлезди со надворешно лачење што  го помагаат процесот на подготовката на храната за натамошна обработка и почетно разградување на одделни хранливи материи.     Најголеми се плунковните жлезди сместени надвор од усната шуплина, задушните, подвиличните и подјазичните. Задушните жлезди се најголеми, сместени се околу гранката на долната вилица, по една лево и десно, имаат форма на пирамида и се протегаат кон ушите. Плунката се влева преку канал во устата, лоциран на ниво на горните катници. Подвиличните жлезди се две, сместени под подот на усната шуплина и се влеваат во устата низ заедничкиот канал со подјазичните жлезди преку два симетрични отвора под јазикот. Двете подјазични жлезди се лоцирани под јазикот, а пред подвиличните жлезди.
           Покрај големите, постојат и бројни, од 600 до 1 000 мали плунковни жлезди распоредени на усните, слузницата на устата и во голтникот. Секреторниот дел на плунковните жлезди личи на зрна од грозд и се состои од мускулно-епителни клетки каде што се лачи и истиснува плунката во малите браздовидни канали. Тие се слеваат во голем канал преку кој плунката се води до усната шуплина.
           Основната функција на плунковните жлезди е да создаваат плунка која се лачи во текот на целиот ден. Плунката е серозна течност што се продуцира во количество од 0,75 до 1,5 литри во едно деноноќие и се смета дека најголемиот дел од ова количество се излачува во текот на денот. Таа е составена од вода, електролити, слуз, антибактериски компоненти, фактори за раст на епидермот, ензими, клетки и одреден број бактерии. Создавањето е позасилено во тек на стимулација преку условниот рефлекс, при помисла или контакт со храна. Количеството на продуцираната плунка не се намалува со стареењето.
      Плунката има повеќе функции:
      • • Заштитна:
        •  -  ја одржува влажноста на слузницата на устата и на јазикот и ја обложува со слуз како механичка заштита;
        •  -  ја штити глеѓта на забите од оштетување и дејство на бактерии;
        •  -  дезинфицира и
        •  -  ја контролира бактеријалната флора во устата.
      • • Дигестивна:
        •  -  ја навлажнува сувата и ја лади топлата храна со што ја подготвува за голтање;
        •  -  ја одржува нормалната киселост на средината, особено во текот на обработката на храната;
        •  -  присутните ензими помагаат во почетното разложување на јаглехидратите и мастите;
        •  -  игра улога на медијатор во стимулацијата на рецепторите за вкус.
        • Хормонска – веројатно хормонот густин што се наоѓа во неа учествува во развојот на рецепторните папили.
        • Голтник

        • Голтникот претставува заеднички орган на горните делови од дигестивниот и респираторниот систем. Сместен е во внатрешноста од вратот. Горниот дел почнува од мекото непце, а долниот завршува со раздвојување што оди кон дишникот и хранопроводот. Во него се наоѓаат крајниците. Голтникот ги насочува храната и воздухот кон хранопроводот односно дишникот, а има важна улога и при говорот.
          Во голтникот се одвива втората фаза од голтањето кое во почетокот е рефлексно, а потоа свесно контролиран акт. Со стегање на кружните мускули залакот се истуркува кон хранопроводот. На крајот од усниот дел од голтникот постои мембранозна творба наречена епиглотис која има функција на капаче, кое заедно со надолжните мускули од голтникот спречуваат навлегување на храна во дишните патишта при процесот на голтање.
        • Хранопровод

        • Хранопроводот е мускулен орган во форма на цевка со должина од 25 до 30 см што го поврзува голтникот со желудникот. Сместен е во три анатомски регии на телото: вратот, градниот кош и стомакот. Ѕидот на хранопроводот е изграден од четири слоја: надворешен, мускулен, подслузокожен и слузокожен. Мускулниот слој е составен од два типа мускули: напречно пругави, надолжно поставени надворешно и мазни, внатрешно поставени кружно. Во горната третина на хранопроводот се сместени само пругави мускули, во средната комбинација на пругави и мазни мускули, а во долната третина има само мазни мускули. Со таквата градба се овозможува перисталтиката и се спречува враќање на храната од желудникот во хранопроводот. Во подслузокожниот дел се сместени езофагеалните мукозни жлезди, а слузокожата е така изградена што обезбедува доволна заштита од поминувањето на големиот волумен храна и плунка.
          Функцијата на хранопроводот е да ги спроведува плунката и голтнатата храна од голтникот во желудникот со помош на перисталтички движења и да оневозможува враќање на желудочната содржина. Навлегувањето на храната во желудникот или враќањето на содржината од желудникот во случај на повраќање е регулирано од долниот мускул стегач на хранопроводот.
        • Желудник

          Желудникот е најпроширениот дел на дигестивниот систем, сместен во левиот горен квадрант од стомакот и го поврзува хранопроводот со тенкото црево. Тоа е мускулен орган со неправилна форма, најчесто како буквата „Ј“ што е поврзано со развојната фаза на мускулите, волуменот на присутна содржина, степенот на нејзината дигестија и соодносот со околните органи, особено цревата. Кога е празен и опуштен, капацитетот му изнесува околу 45 мл, додека во фазата на примање храна вообичаено се полни со содржина од околу 1 литар, но може да се наполни и до 3 литри.
               Анатомски е поделен на четири дела:
          •        • кардија во која се празни содржината од хранопроводот;
          •        • база со форма на купола вообичаено исполнета со воздух;
          •        • тело што служи како главен резервоар на примената храна и
          •        • пилорус каде што се контролира и олеснува преминот на храната од желудникот во цревата.
          Ѕидот на желудникот е изграден од четири ткивни слоја како и хранопроводот, со тоа што мускулниот дел е подебел и појак поради присуството и на коси мускулни влакна. Слузокожата е многу и длабоко набрана каде што се сместени многубројни жлезди со надворешно лачење кои го помагаат процесот на дигестија на храната. Во делот на кардијата и пилорусот постојат два сфинктери што помагаат во задржувањето на содржината во желудникот. Тој е богато прокрвен и инервиран што помага при секрецијата и активноста на мускулите.
          Влезената храна во желудникот продолжува да се обработува, односно се подготвува за што е можно поцелосно искористување на нејзините хранливи состојки во тенкото црево. Брзината на обработката на храната во желудникот и истиснувањето во тенкото црево зависат од густината и квалитативниот состав. Така, течната и нискокалорична храна пократко се задржува во желудникот и полесно се истиснува понатаму.
          Во процесот на дигестијата желудникот ги има следниве функции:
          •        • Моторичка:
            •  -  примање, сместување и ситнење на проголтаната храна и промена на конзистенцијата во полутечна за полесно истиснување во тенкото црево и
            •  -  празнење на така подготвената содржина во дуоденумот преку контролиран и регулиран процес на истиснување.
          •        • Секреторна и ендокрина – во текот на едно деноноќие желудникот лачи околу 2,5 литри желудочен сок и се состои од:
            •  -  мукус, кој ја заштитува желудочната слузница од дејството на преостанатите компоненти од сокот;
            •  -  солна киселина, која обезбедува заштита преку уништување на внесените бактерии со храната и обезбедува адекватна средина за дејство на другите состојки од желудочниот сок;
            •  -  ензими, со кои се разградуваат белковините и мастите;
            •  -  интринзик фактор, што помага во апсорпцијата на витаминот Б12 во тенкото црево и
            •  -  хормони, кои дејствуваат локално и системски.
              •        • Сензорна – покрај квантитетот, рецепторите во желудникот ги препознаваат и ги нотираат состојките на храната и праќаат сигнали до мозокот кој ги поврзува нутритивните вредности на хранливите состојки со нивните вкусови.
              •        • Апсорптивна – иако најголемиот дел од апсорпцијата се одвива во тенкото црево, сепак во желудникот се апсорбираат некои лекови, како аспиринот, одделни аминокиселини и водата во состојба на дехидрираност на телото.
              • Тенко црево

              • Тенкото црево е дел од дигестивниот систем во форма на извиткана цевка што се протега од желудникот до дебелото црево. Сместено е во средниот и во долниот дел на стомачната шуплина. Должината му изнесува околу 7 метри, со тоа што кај жените е подолго за десетина сантиметри. Дијаметарот му изнесува од 3 до 4 см, кој постепено се намалува кон завршниот дел. Градбата на ѕидот од тенкото црево е многу слична по целата должина, со тоа што постојат разлики во присуството на одредени жлездени и други формации во одделни структурални делови. На слузницата се наоѓаат многубројни жлезди и микроресички што служат за дигестија на храната и зголемување на површината од цревото со цел за ефикасна апсорпција на хранливите состојки од храната.
              • Истиснатиот химус во тенкото црево се задржува неколку часа при што се извршуваат различни активности во процесот на дигестијата:
                •        • Механичка – сегментирано мешање на химусот со ензимите од панкреасот, тенкото црево и со жолчката.
                •        • Хемиска – разградување на големите молекули од храната со присутните ензими до ниво што може да се апсорбира.
                •        • Апсорпциска – примарно место за навлегување на хранливите состојки од храната и водата во крвната и во лимфната циркулација. Апсорпцијата може да биде пасивна по принципот на дифузија или со активно пренесување каде што се користат медијатори и енергија за премин на хранливите продукти од тенкото црево во циркулацијата.
                Тенкото црево е поделено на три структурални дела:
                •        • Дуоденум или дванаесетпалечно црево е почетниот дел во должина од околу 25 см. Името го има добиено поради ширината од 12 палци. Во него се влеваат жолчниот и панкреатичниот канал преку заеднички отвор. Дуодеумот е во непосреден контакт со црниот дроб, панкреасот и со некои големи крвни садови.
                Во дванаесетпалечникот се разградуваат внесените хранливи материи на најситни делови погодни за апсорпција. Како прво, киселиот состав на химусот се неутрализира и понатаму се овозможува разложување на големите хранливи молекули со помош на ензимите од самиот дуоденум, од панкреасниот сок и со жолчката. Исто така, дуоденумот создава и хормони што го овозможуваат празнењето на желудникот, лачење на сокот од панкреасот и празнење на жолчното ќесе. Тука се апсорбираат и
              минералите од храната, како на пример железото и калциумот и некои јони.
              •        • Јејунумот е дел што ги опфаќа првите две петтини од остатокот на тенкото црево. Тој е во најголем дел одговорен за апсорпцијата на едноставните шеќери и витамините растворливи во вода.
              •        • Илеум е завршниот дел од тенкото црево. Во околината има повеќе масни наслаги отколку во другите делови, а на неговиот ѕид има најмногу структури што влегуваат во составот на имуниот систем на човекот.
              Во завршниот дел на тенкото црево доаѓа до апсорпција на присутните ензими што ја помагале дигестијата на хранливите продукти и апсорпцијата на аминокиселините, мастите, витаминот Б12и витамините растворливи во масти, жолчните соли и холестеролот.


                  Дебело црево




                  Дебелото црево е завршниот дел на дигестивниот тракт што оди од тенкото црево до аналниот отвор. Должината му е во просек 1,5 метар, дијаметарот околу 6,5 см на почетниот дел, кој се намалува постепено до анусот. Дебелото црево личи на буквата „П“ или „М“, со сакулирана форма и е пофиксирано во однос на тенкото црево.
                  Анатомски се разликуваат неколку делови:
                  •        • Цекум или слепо црево – вреќесто проширување што го поврзува тенкото со дебелото црево, сместено во долниот десен дел на стомакот.
                  •        • Асцендентен или нагорен дел – продолжува од цекумот вертикално нагоре по десната страна од стомакот сè до ниво на црниот дроб каде што прави завој и оди надолжно лево.
                  •        • Трансверзален или напречен дел -  почнува од црнодробниот завој, продолжува хоризонтално лево до ниво на слеската каде што прави завој  налево.
                  •        • Десцендентен или надолен дел – продолжува од завојот кај слеската и оди вертикално надолу по левата страна од стомачната шуплина.
                  •        • Сигмоиден дел – е продолжение на десцендентниот дел, со форма на јамка, сместен во карлицата.
                    •        • Ректум или право црево – е завршен дел на дебелото црево што завршува со аналниот отвор. Поставен е во карлицата вертикално одзади.
                    Градбата на ѕидот на дебелото црево е слична како и на тенкото, со тоа што на надворешната обвивка во трансверзалниот и сигмоидалниот дел има додатоци исполнети со масно ткиво што имаат нејасна функција. Надолжните мазни мускулни влакна не се во континуиран слој околу целиот обем на ѕидот, туку формираат три надолжни ленти што го прават надворешниот изглед на дебелото црево да биде со испакнувања. Во луменот на цревото нормално постои флора од околу 700 видови бактерии.
                    Остатокот од цревната содржина што понатаму не подлежи на процес на разградување се истиснува од тенкото во дебелото црево каде што во просек се задржува над 15 часа, што е директно поврзано со начинот на исхрана. Тука доаѓа до апсорпција на остатокот вода, соли и витамини создадени од нормално присутните бактериски соеви.
                  Бактеријалната флора во дебелото црево има важна улога при:
                         • ферментација на некои хранливи материи што не биле растворени во тенкото црево, како на пример растителните влакна;
                         • синтезата на витамините К и од Б-групата и
                         • заштита од патогени соеви на бактерии.
                    Оваа флора може да се промени под влијание на одредена храна и да се наруши природната рамнотежа, што доведува до засилено и обилно создавање гасови или до забрзано празнење на содржината во вид на проливи.
                    Преостанатата содржина се сместува во ректумот од каде што како измет се отстранува од телото. Дневното количество измет што се исфрла има маса од 100 до 200 грама. Нормалната фреквенција на празнењето фецес може да биде од трипати дневно до еднаш на три дена, што без присуство на некое заболување обично зависи од прехранбените и хигиенските навики на поединецот.

                    Црн дроб


                    Црниот дроб е најголемиот внатрешен орган без кој животот не е возможен. По боја е црвеникаво кафеав, со триаголна форма и тежина од околу 1,5 кг. Сместен е во десниот горен квадрант на стомакот, веднаш под сводот на дијафрагмата и макроскопски е поделен на 4 резени. На задната страна од десниот резен се наоѓа бразда во која се сместени крвни садови што влегуваат или излегуваат од црниот дроб и заедничкиот жолчен вод.
                    Црниот дроб е изграден од два типа клетки: паренхимски, што се носители на функцијата на органот и сочинуваат 80% од волуменот и непаренхимски, кои се главно задолжени за растот на органот. Тоа е единствен внатрешен орган што има способност за регенерација преку компензаторен раст и во случај да се отстранети ¾ од ткивото. Црниот дроб има двоен циркулаторен систем: едниот ја помага функцијата и ја прима венската крв од цревата и од другите стомачни органи, што сочинува 75% од вкупниот крвен прилив, а другиот е за исхрана и поткрепа на правилното функционирање.
                    Покрај крвниот систем, во црниот дроб постои и садовен систем што се нарекува жолчно стебло и служи за собирање на жолчката и нејзино пренесување до дванаесетпалечното црево. Жолчното стебло почнува во црниот дроб, а завршува надвор од него. Во црниот дроб се формираат жолчни каналчиња што се спојуваат во канали. Тие се дренираат во левиот и во десниот жолчен канал кои го формираат заедничкиот канал надвор од црниот дроб. Овој, пак, со каналот од жолчното ќесе го формира главниот жолчен канал што се спојува со каналот од панкреасот и заедно завршуваат во ѕидот, односно шуплината на дуоденумот.
                    Се смета дека црниот дроб е централната биохемиска лабораторија на човечкиот организам. Извршува повеќе функции без кои животот е невозможен, сумирани во четири големи групи:
                           • Синтеза на:
                    •  -  аминокиселини, протеини и нивни фракции што учествуваат во многу функции и процеси како на пример коагулацијата;
                    •  - гликоза;
                    •  -  масти, холестерол и масни соединенија;
                    •  - жолчка;
                    •  - хормони и
                    •  - други витални супстанци.
                    •        • Разградување на соединенија и супстанци настанати при метаболизмот и функционирање на човекот или внесени однадвор:
                      •  -  хранливи материи;
                      •  -  хормони;
                      •  - билирубин;
                      •  - отровни супстанци;
                      •  - алкохол и
                      •  - лекови.
                        •        • Одбрана - преку многубројните имунолшки активни клетки во него и
                        •        • Складира: гликоза во форма на гликоген, витамини и минерали.
                        • Панкреас

                        • Панкреасот или заджелудочната жлезда е жлезден орган со неправилна призматична форма, со должина до 15 см и тежина до 100 гр кој припаѓа на два органски система, дигестивен и ендокрин, поради двојната секреторна ендокрина и егзокрина структура. Сместен е косо во горниот централен дел на стомакот наназад и поставен водорамно. Панкреасот има неправилна форма и на него морфолошки се разликуваат неколку делови: глава која е лоцирана во кривината на дванаесетпалечното црево, врат, тело и опашка, кои се сместени зад желудникот и слеската.
                          Градбата на панкреасот ја рефлектира неговата двојна секреторна улога и обоен со специјални бои, гледано под микроскоп, се разликуваат два вида ткива. Посветлите делови се наречени Лангерхансови островчиња и го претставуваат ендокриниот дел, а потемно обоените делови со изглед на бобинки го репрезентираат егзокриниот дел на панкреасот, од кој соковите богати со ензими се дренират во дуоденумот преку систем на канали.
                          Панкреасот е жлезда со двојна функција, егзокрина и ендокрина, која учествува во дигестивните и метаболичките процеси на човекот. Ендокриниот дел е одговорен за продукција и лачење на хормоните инсулин и глукагон што имаат главна улога во метаболичките процеси и контролата на нивото на шеќерот во крвта. Егзокринот дел создава панкреасен сок богат со ензими без кои е невозможно разградување на основните хранливи материи од химусот и нивна подготовка за апсорпција во тенкото црево.

                      Уринарен систем


                      Уринарниот или бубрежниот систем претставува органска структура што ја создава и ја спроведува мочта до местото на исфрлање од телото. На тој начин бубрежниот систем учествува во излачувањето на непотребните и штетни продукти од метаболичките процеси кои ако се задржат во организмот може да предизвикаат сериозни нарушувања па дури и смртен исход. Уринарниот систем се состои од бубрези, мочни патишта или мочоводи, мочен меур и мочен канал. Градбата на системот е скоро идентична кај обата пола, а се разликува единствено по должината на уретрата одосно мочниот канал кој е пократок кај жените. Функционалната поставеност на уринарниот систем овозможува елиминирање на отпадните материи, регулација на волуменот на крвта и крвниот притисок, контрола на електролитите и метаболитите и регулација на киселоста (pH).

                      Бубрег


                      Бубрегот е парен орган со форма на зрно грав сместен во задниот дел од стомачната шуплина, во просторот зад стомачната обвивка, лево и десно од слабинскиот дел на ‘рбетниот столб. Поради окупирање на тој анатомски простор од црниот дроб, десниот бубрег е малку пониско поставен во однос на левиот и е за нијанса помал од левиот кој е сместен зад слеската. Просечната должина на бубрегот кај возрасните изнесува околу 11 см. Масата на бубрегот се намалува со стареењето како резултат од редукција на биолошки активното ткиво, т.е. паренхимот кој се состои од кора и срцевина.

                      Бубрегот е изграден од капсула во која е сместен паренхимот. На него се разликуваат кора и срцевина. Паренхимот има форма на резени со конусна форма наречени бубрежни пирамиди, и ги има од 9 до 18. Тие се ориентирани со базата кон надворешниот испакнат раб на бубрегот и во нив е лоциран нефронот – основната микроскопска функционална единица на бубрегот. Нефронот се состои од топчеста формација или телце и цевчиња. Телцето е изградено од капсула во која е сместена капиларна мрежа т.н. гломерул и во него се врши примарната филтрација на плазмата. Од телцето продолжуваат извиени и прави цевчиња во кои се прави реапсорпција, секреција и екскреција на филтратот. Остатокот од овој процес е мочта која се исцедува во единствено собирно каналче што завршува на врвот од пирамидата. Собирното каналче е опкружено со комори – мали чашки што претставуваат почеток на  собирниот систем на мочта во бубрегот. 2-3 мали чашки се соединуваат и ги формираат големите чашки кои понатаму го создаваат бубрежното леѓенче од каде што започнува мочоводот односно мочниот пат.

                      Капацитетот на филтрирање на бубрезите е 180 литри за 24 часа односно плазмата од крвта поминува низ овој процес околу 60 пати за едно деноноќие. Од целиот примарен филтрат на плазмата непотребните супстанци и вишокот течност се исфрлаат во вид на моч во количество од 1,5 до 1,8 литри дневно.

                      Уретер

                      Уретерот или мочоводот претставува парен цевчест орган што ја спроведува мочта од бубрегот до мочниот меур. Тој започнува од бубрежното леѓенче и завршува на долната страна од мочниот меур во т.н. триаголник. Должината на мочоводот изнесува околу 25 – 30 см и дијаметар од 3 до 4 мм со три нормални анатомски стеснувања: на поврзувањето со бубрежното леѓенче, во малата карлица каде што се вкрстува со заедничката карлична артерија и на влезот во мочниот меур.

                      Ѕидот на мочоводот, гледано однатре нанадвор, е изграден од:  преоден епител во три слоја, еластично сврзно ткиво, мазни мускулни влакна поставени надолжно и кружно за олеснување на транспортот на мочта и надворешна мембрана која го прикрепува крвоснабдувањето на мочоводот. Ваквата градба обезбедува ефикасно и активно спроведување на непотребните материи и вишокот вода надвор од телото преку мочта.

                      Мочен меур

                      Мочниот меур е шуплив, еластичен мускулен орган со овална форма што ја собира и ја чува мочта пред таа да се отстрани од телото преку мокрење. Мочниот меур е сместен на базата од карлицата, под стомачната шуплина, зад срамната коска, кај мажите пред завршниот - прав дел од дебелото црево, а кај жените пред матката. На него се разликуваат четири анатомски дела: база, тело, врв и врат.

                      Во делот на базата се наоѓа триаголен простор од мазни мускулни влакна со рамна површина чии темиња се формирани од двата отвора на мочоводите и отворот на мочниот канал. Ваквата градба на тој дел од мочниот меур обезбедува лесно и непречено собирање на мочта во него и нејзино поефикасно цедење односно исфрлање во надворешната средина. Во проекција на отворите од мочоводите се наоѓаат набори од слузница кои имаат функција на едностран вентил за превенција на враќање на мочта од мочниот меур во мочоводите.

                      Структурата на мочниот меур е мазно мускулно ткиво кое од надворешната страна е заштитено со двослојна мембрана, а од внатрешната страна со трослојна слузокожа прекриена со специјална супстанца за заштита од мочта и од инфекции. Слузокожата е набрана во вид на гребени со што се овозможува ширење на мочниот меур и зголемување на капацитетот при полнење. Мазните мускулни влакна се распоредени во спирални, надолжни и кружни снопчиња. На тој начин се обезбедуваат еластичност и функционалност на мочниот меур: при исполнетост да постигне контракција која трае за време на целото празнење и да остане релаксиран при полнење.

                       Основна функција на мочниот меур е да ја собира мочта создадена во бубрезите, вообичаено во количество од 300 до 350 мл пред да се исфрли надвор од телото преку мочниот канал.

                       Мочен канал

                      Мочниот канал или уретра е завршниот дел на уринарниот систем што го поврзува мочниот меур со надворешната средина преку кој се исфрла мочта од телото. Тоа е фиброзно мускулна цевчеста структура која поради анатомските структури во кои е сместена има полови разлики по должина, градба и функција.

                      Кај жените мочниот канал е со должина од 4 см. Сместен е зад симфизата и е вметнат во предниот ѕид од родницата каде што се наоѓа и надворешниот отвор.

                      Мажите имаат подолг мочен канал од жените со просечна должина од 20 см затоа што е сместен во половиот орган и освен за исфрлање на мочта, служи и за спроведување на семената течност. Според анатомскиот регион низ кој поминува, мочниот канал е поделен на 4 дела: предпростатичен, простатичен, мембранозен и сунѓерест или пенилен. Простатичниот дел има неколку отвори преку кои доаѓа ејакулатот. Во сунѓерестиот дел од мочниот канал се наоѓаат отвори од локалните жлезди со надворешно лачење кои имаат за цел да го подготвуваат каналот за поминување на семената течност и да го штитат епителот од самата урина.

                      Празнењето на мочниот меур е свесно вршена физиолошка функција иако  исфрлањето на урината е координиран процес контролиран од страна на централниот, автономниот и на волевиот дел од периферниот нервен систем.